Керим Алајбеговиќ ги минува најубавите моменти во животот откако 18-годишниот фудбалер најпрвин помогна БиХ да се пласира во финалето од баражот за СП 2026, за десетина часа подоцна да потпише и договор со Баер Леверкузен.
„Фармацевтите“ минатото лето го продадоа овој тинејџер во Салцбург, но откако Алајбеговиќ блесна во австриското првенство се јавија понуди во висина до 20 милиони евра. Ако се знае дека Баер имаше клаузула за враќање на босанскиот бисер за скромни шест милиони евра, јасно е зошто управата на клубот без размислување ја активираше истата, по што Алајбеговиќ утрово потпиша петгодишен договор со клубот во кој претходно настапуваше за У19 екипата.
„За мене ова дефинитивно е чекор напред. Го познавам клубот, се враќам во тим шт има најголеми амбиции, тим што е меѓу најдобрите 16 во Европа и секогаш е при врвот на Бундес-лигата. Голем број млади играчи се афирмирале во Леверкузен, направиле успешни кариери, тоа е и мојата цел“, изјавува тинејџерот роден во Келн, кој настапува за селекцијата на БиХ.
Алајбеговиќ настапува како лево крило или офанизвен играч за врска, тој влезе во игра во второто полувреме од синоќешниот бараж во Кардиф и му асистираше на Џеко при израмнувачкиот погодок за БиХ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

