Кошаркарите на Пелистер не дозволуваат слабата четврта четвртина од последниот дуел со ТФТ да ги исфрли од ритам, па „зелено-белите“ максимално мотивирани и фокусирани влегуваат во новиот предизвик – домашниот дуел со Тиквеш закажан за недела во 18.30 часот.
Пелистер сигурно ќе го заврши суперлигашкиот дел на третата позиција, но тренерот Даскаловски и неговите избраници се решени да стигнат до победи во последните две рунди за со уште поголема самодоверба да влезат во плејофот.
Центарот Ленгстон Вилсон. кој игра во одлична форма во последно време, верува во триумф над Тиквеш, но истовремено и предупредува дека кавадарчани се тим што не смее да биде потценет.
„Се наоѓаме во добар ритам и нема да дозволиме неуспехот со ТФТ да остави трага на наредните натпревари. Верувам дека сме подобар тим од Тиквеш, дека ќе стигнеме до победата, но исто така јасно ни е дека фаворитската улога мораме да ја оправдаме на терен. Тиквеш е тим со кој игравме и пријателски натпревари, добро го познаваме, имаме квалитетни странци во своите редови. Ќе пресуди дисциплината во нападот, мораме да се лимитираме на што помалку загубени топки. Исто така, одбраната мора да биде на високо ниво, да стигнеме до лесни поени од транзиција со што би си ја олесниле задачата на патот до триумфот“, вели Вилсон во пресрет на неделниот дуел со кавадаречкиот суперлигаш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

