Македонската фудбалска репрезентација денеска на тренинг центарот “Петар Милошевски” ги продолжува подготовките за гостувањето во Даблин, каде на 31. март ќе се соочи со Република Ирска, но веќе се појавуваат и првите проблеми во националниот тим уште по првиот натпревар на репрезентацијата под палката на новиот селектор Гоце Седлоски.
Седлоски се соочува со неколку предизвици по одлуките околу почетниот состав од претходниот натпревар против Данска кои отворија и одредени реакции во тимот.
Напаѓачот Бојан Миовски, по барање на Глазгов Ренџерс, но и со согласност од самиот фудбалер, е ослободен од обврските и веќе ја напушти репрезентативната база.
Дополнителен хендикеп за стручниот штаб претставува и повредата (адуктор) на Јани Атанасов, кој по направените медицински прегледи (магнетна резонанца) нема да биде во можност да настапи на натпреварот во Даблин.
Седлоски се осврна и на ситуацијата со Александар Трајковски и Бојан Миовски по натпреварот со Данска, потенцирајќи дека одлуките биле донесени исклучиво врз основа на натпреварувачката форма и тактичките барања.
„Александар Трајковски не беше задоволен што не започна во првиот состав, но во овој момент сметам дека физички не е на нивото потребно за да одговори на барањата на ваков натпревар. Нашиот план беше, доколку има потреба, Трајковски да добие шанса во завршницата, но текот на натпреварот не го наложи тоа. Нема причина некој да се чувствува навреден. Слична беше ситуацијата и со Бојан Миовски, кој исто така не беше задоволен што не започна, но мора да се прифати дека во репрезентацијата има 23 фудбалери и никој нема загарантирано место во почетниот состав“, изјави Седлоски.
Коњаспор и кинески Далиан, клубовите на Енис Барди и Исник Алими, официјално побараа двајцата репрезентативци да бидат ослободени од репрезентативните обврски, но Барди и Алими имаат јасен став дека сакаат да останат и бидат дел од националниот тим и ќе конкурираат за настап на дуелот.
Трајковски го очекуваше на овој собир својот 99-ти настап во националниот дрес, но не доби шанса од Гоце Седлоски на дуелот против Данска во Копенхаген. Веднаш по мечот, како што е познато, се огласи сопругата на Трајковски која преку социјалните мрежи порача дека “нечовечки и неправедно е се што му се прави на личноста која остави толку многу за македонскиот спорт“.
Во клубот „100“ на македонските репрезентативци досега се само двајца македонски репрезентативци кои имаат 100 или повеќе настапи во националниот тим. Прв е Горан Пандев со 122 настапи и Гоце Седлоски со 100 настапи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

