Седлоски за Миовски и Трајковски: „Лути се што не започнаа во Данска, но никој нема загарантирано место“

Македонската репрезентација се соочи со првите проблеми уште по првиот натпревар на клупата на новиот селектор Гоце Седлоски.

Убедливиот пораз и бледото издание на бараж пресметката со Данска очигледно веднаш внесе немир во репрезентативните дресови, па првото незадоволство го искажале искусните офанзивци Бојан Миовски и Александар Трајковски. Миовски од клупата го почна дуелот со Данците, а доби шанса на крај откако се беше решено, а Трајковски остана на клупата за резервни играчи, очекувајќи го својот 99-ти настап во националниот дрес.

Селекторот Седлоски се осврна и на ситуацијата со Александар Трајковски и Бојан Миовски по натпреварот со Данска, потенцирајќи дека одлуките биле донесени исклучиво врз основа на натпреварувачката форма и тактичките барања.

„Александар Трајковски не беше задоволен што не започна во првиот состав, но во овој момент сметам дека физички не е на нивото потребно за да одговори на барањата на ваков натпревар. Нашиот план беше, доколку има потреба, Трајковски да добие шанса во завршницата, но текот на натпреварот не го наложи тоа. Нема причина некој да се чувствува навреден. Слична беше ситуацијата и со Бојан Миовски, кој исто така не беше задоволен што не започна, но мора да се прифати дека во репрезентацијата има 23 фудбалери и никој нема загарантирано место во почетниот состав“, изјави Седлоски.

Трајковски го очекуваше на овој собир својот 99-ти настап во националниот дрес, но не доби шанса од Гоце Седлоски на дуелот против Данска во Копенхаген. Веднаш по мечот, како што е познато, се огласи сопругата на Трајковски која преку социјалните мрежи порача дека “нечовечки и неправедно е се што му се прави на личноста која остави толку многу за македонскиот спорт“.

Во клубот „100“ на македонските репрезентативци досега се само двајца македонски репрезентативци кои имаат 100 или повеќе настапи во националниот тим. Прв е Горан Пандев со 122 настапи и Гоце Седлоски со 100 настапи.

Се вчитува...