Љупче Дориев: „Ова е само нов почеток, имаме квалитет, само треба да го склопиме“ (ВИДЕО)

Македонската репрезентација денеска, по враќањето од Данска, во Скопје ги продолжи подготовките за пријателскиот натпревар со Ирска кој се игра во вторник (31 март) во Даблин.

Македонија ќе има нешто променет состав по повлекувањето на Миовски и Трајковски и повредата на Атанасов, а во тимот повторно се враќа Тихомир Костадинов кој ја „одлежа“ суспензијата поради жолти картони.

Крлилниот офанзивец Љупчо Дориев вели дека од овој меч со Ирска треба да почне креацијата на нешто ново во националниот тим кој треба во иднина да го потврди квалитетот кој го поседува.

„Мислам дека одигравме многу добро прво полувреме со Данска, а потоа се случи еден брз гол во второто полувреме кој не извади од ритам. Следеше една мала деконцентрација, и потоа уште два брзи гола, па против една селекција како Данска тешко е потоа да се вратиш после такво нешто. Но, што е до нас, продолжуваме понатаму. Не очекува сега натпревар со Ирска, тоа што било не можеме да го вратиме. Мора главите горе, да ја вратиме атмосферата на највисоко ниво и мислам дека не очекува добар натпревар со Ирска“ – вели Дориев и дополнува:

„Овој натпревар со Данска беше само прв за новиот селектор, со нова визија, нов почеток и мислам дека ова е само старт на нешто ново и големо. Имаме квалитет, само треба да го склопиме“.

Се вчитува...