Како ќе се снајде Охрид во грчкиот „пекол“

Ракометарите на Охрид денеска со почеток во 16 часот се соочуваат со најголемиот тест во досегашниот дел од сезоната, на гостувањето против Олимпијакос во првиот четвртфинален дуел од ЕХФ Европскиот куп.

Охриѓани делуваа моќно во досегашниот дел од европската авантура, но вистинските предизвици почнуваат токму од ова четвртфинале ако се знае дека за ривал имаат екипа составена од бројни квалитетни ракометари, кои згора на тоа ќе ја имаат поддршката на навивачите кои знаат да создадат „жешка атмосфера“ и на тој начин да му помогнат на својот тим.

Охриѓани се свесни за големината на предизвикот, со оптимизам отпатуваа за Грција, верувајќи дека ќе можат да одолеат на притисокот од трибините и да ги неутрализираат главните оружја на Олимпијакос, со што би стигнале и до позитивен резултат пред реваншот на домашен терен закажан за следниот викенд во салата „Билјанини Извори“.

„Веќе ја анализираме екипата на Олимпијакос и се подготвуваме тактички за натпреварот. На секоја позиција имаат добар играч, на секој мораме посебно да обрнеме внимание. Нашите очекувања се да го дадеме максимумот на првиот натпревар, за дома да биде што полесно. Вториот натпревар среќа е што се игра на домашен терен, многу полесно за подготовка на екипата, играме пред своите навивачи. Очекувам дека салата ќе биде полна до последно место и мислам дека тоа ќе ни даде ветар во грб. Се подготвуваме добро за нивната бековска линија од каде има најголема опасност, на секоја бековска позиција имаат вонсериски играч. Ќе се обидеме да го затвориме најсилното оружје и со тоа да победиме на натпреварот, изјави левиот бек на ГРК Охрид, Стефан Петриќ.

Се вчитува...