Охрид направи огромен чекор напред кон полуфиналето на ЕХФ Европскиот куп откако македонскиот тим попладнево како гостин го совлада Олимпијакос сред Атина со резултат 26-31. За охриѓани ова беше најголем предизвик во досегашниот дел од сезонава, на што одговорија на најдобар можен начин, покажувајќи и искуство и квалитет, заслужено славејќи и покажувајќи дека имаат квалитет да бидат дел од најдобрите четири екипи во ова европско натпреварување.
Малата сала која беше преполна со грчки навивачи не ги исплаши ракометарите на Охрид, кои напротив одлично се снајдоа, од самиот почеток наметнаа темпо што домаќинот се мачеше да го следи. Во ритам беше голманот Пилиповиќ со два одбранети седмерци во првото полувреме, додека во нападот блескаше грчкиот интернационалец Лијапис со четири погодоци. Охрид имаше целосна контрола во првиот дел, пред самиот крај успевајќи да се одлепи и со погодоците на Борозан и на Прибетиќ на одмор да замине со предност од пет гола (10-15).
Грчкиот тим целосно зависеше од играта на Савас (шест гола во првото полувреме), Олимпијакос се приближи на три гола негатива, но како што Савас загуби здив така домаќините се повеќе се мачеа да го најдат патот до мрежата на одличниот Пилиповиќ. По исклучувањето на Ѓукиќ грчкиот тим намали на 19-23, резултат при кој тренерот Ројевиќ побара тајмаут за Охрид во 48. минута. Олимпијакос намали на 20-23, а многу важен гол постигна Борозан, под опасност од пасивен напад, од речиси невозможен агол за 20-24.
Се чини со тој гол беше и дефинитивно скршен отпорот на Олимпијакос, следеше нова одбрана на Пилиповиќ, па прецизен проектил на Иванковиќ на спротивната страна. Домаќините не се предадоа, пак стигнаа до „минус три“, но Охрид имаше одговор во самиот финиш, одлепувајќи се дополнително до конечните 26-31, со фантастичниот двоен цепелин што Иванковиќ го претвори во гол во последните секунди од натпреварот.
Пилиповиќ беше извонреден на голот со 15 успешни интервенции, додека најефикасни во нападот на Охрид беа Лијапис и Иванковиќ со по седум, пред Стрмљан и Прибетиќ со по четири погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

