Куманово се разбуди и остана во игра за плејофот

Серијата катастрофални игри и резултати на Куманово конечно беше прекината на денешниот дуел со Кожув што кумановци го добија со 89-82, триумф со кој тимот предводен од Марин Докузовски се врати во игра за шестото место кое води во плејоф-разигрувањето.

Кумановци повторно имаа многу осцилации во играта, пред се во првата четвртина што гостинот ја доби со 24-32. Домаќинот конечно заигра подобро во одбраната, во вториот период беше подобар со 26-14 и го сврте резултатот во своја полза. Се играше неизвесно до самиот финиш, резултатот на три минути до крајот гласеше 72-70, но Куманово подобро го финишираше мечот, во своите редови го имаше одличниот Стевановиќ, кој погоди кога се кршеше резултатот и ја донесе победата изразена со конечните 89-82.

Стевановиќ беше прв стрелец на мечот со 30 поени и 10 скокови, Димитриевски постигна 18, а Луковиќ 17 поени за победничкиот тим. Најефикасни кај Кожув во денешниот пораз беа Боувен со 20 и Николас со 18 поени.

Се вчитува...