Тиквеш прв ја освои Битола во 2026 година

Тиквеш остана во игра за место во плејофот откако кавадаречкиот клуб ја продолжи серијата одлични игри со триумф на гостувањето против Пелистер со 82-88. Ова беше прв домашен пораз за „пелистерци“ во новата 2026 година, за Тиквеш пак четврта победа во последните пет кола, по што кавадарчани сега имаат идентични 10-11 со Чаир и со Куманово во пресрет на последното коло, во трката за шестото место кое води во плејофот.

Дуелот во Битола беше максимално израмнет во првите три четвртини, во кој Пелистер имаше максимални „плус осум“,  но Тиквеш не дозволуваше домаќинот да се одлепи посериозно. Гостите потоа блеснаа во завршните десет минути, Пелистер постигна само два поени во првите пет минути од четвртиот период, а Тиквеш го искористи тоа и стигна до „плус осум“. Даскаловски за кратко време побара два тајмаути, но не успеа да го разбуди домашниот тим, па гостите од Кавадарци на крајот се радуваа на триумф.

Парсонс беше одличен со 21 поен и 13 скокови, Хокинс реализираше 20 поени за победничкиот тим, додека најефикасни во таборот на Пелистер беа Митревски и Вилсон со по 15 поени.

Во последното коло кое ќе решава за патникот во плејофот Тиквеш ќе го пречека лидерот ТФТ, Чаир ќе биде домаќин на шампионот МЗТ Скопје, додека Куманово ќе му гостува на Работнички, тим што е во потрага по бодови и победи во трката за опстанок.

Се вчитува...