МЗТ Скопје по огромна борба славеше над Работнички со резултат 88-81 (по продолжение од пет минути), во најинтересното дерби во последните неколку години што го одиграа вечните ривали во мак-баскетот. МЗТ е во трка за првото место, Работнички се бори за опстанок, но „центарци“ изненадија со покажаниот карактер и квалитет, беа дури и блиску до победа во продолжението, но МЗТ ја искористи петтата лична грешка на Рикиќ и стигна до посакуваниот триумф. За Работнички пак овој пораз значеше и дефинитивно губење на сите шанси за влез во Топ 6, па „центарци“ во финишот од сезонава ќе водат битки за опстанок во елитата.
Дека Работнички за разлика од последниот куп-дуел овојпат ќе биде сериозен ривал беше јасно уште од самиот почеток, во кој „центарци“ му покажаа заби на актуелниот шампион. МЗТ водеше со 11-6, но тогаш гостите предводени од капитенот Ефремовски влегоа во серија, фуриозно ја завршија четвртината, поведувајќи со 13-20. Вториот период почна со две реализации на Дамјан Робев, по што домашниот тренер мораше да побара тајмаут при двоцифрена негатива на својот тим (13-24). „Сино-белите“ конечно се разбудија, преку Крстевски и Смит Мекоувен ја истопија негативата на 31-33. Следеше нова мини-серија на Работнички за водство на „центарци“ од 33-40, но МЗТ подобро ја заврши четвртината по што на одмор се замина со минимални 42-43 за гостите од „Градски парк“.
МЗТ Скопје поведе со 47-43 на самиот почеток од второто полувреме, но јасно беше дека гостите нема да им дозволат на „металците“ да се одлепат целосно и да ја осигураат победата. Третиот период заврши со водство на аеродромци од 62-58, како најава за драматичните последни десет минути. МЗТ имаше водство во четвртата четвртина, но Работнички успеваше да се врати, преку Робев намалувајќи на 79-78 на помалку од минута до крајот.

Петков реализираше за 81-78, Работнички не реализираше, но потоа промашија и домаќините, „центарци“ имаа помалку од десет секунди, но и тоа беше доволно за Ефремовски да погоди тројка од табла од девет метри, на 3,6 секунди до крајот. Атанасов зеде тајмаут, Смит Мекоувен погоди, но по прегледување на снимката беше утврдено дека шутот е упатен по истекот на сирената, па ова драматично дерби мораше да биде решено во продолженија.
А дополнителните пет минути почнаа со поени на Танасковиќ, а веднаш потоа и тројка на Дамјан Стојановски за 86-81. Дамјан во следниот напад ја заработи петтата лична грешка а Работнички одговори на вистински начин, преку Робев поведувајќи со 88-89 на половина од продолжението. „Центарци“ влегоа во шутерски ритам, тројка погоди и Грушановиќ за 88-92, принудувајќи го домашниот тренер на нов тајмаут. Работнички се соочи со проблем откако Рикиќ на 93 секунди до крајот ја доби петтата лична грешка, а МЗТ експресно го искористи отсуството на единствениот центар на гостите и за половина минута дојде до изрманување (92-92).
Мирковски побара тајмаут, Ефремовски не погоди тројка од осум метри, по што Петков изнуди лична грешка при обид за тројка. Плејмејкерот на МЗТ ги реализираше трите слободни фрлања, по што аеродромци го добија овој натпревар со конечни 97-93.
Смит Мекоувен беше прв стрелец на МЗТ со 25 поени, а одличен меч одигра и Марин Петков со 18 поени и 11 асистенции. Ефремовски ги предводеше стрелците на Работнички со 27 поени, додека Рикиќ до моментот на петтиот прекршок имаше 25 поени и 15 скокови зад своето име.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

