Генералниот секретар на ФК Работнички, Ненад Монев, стана првиот Македонец кој успешно ја заврши престижната Harvard & EFC Executive Leadership Programme (ELP), една од водечките програми за развој на лидери во светот на спортот, под покровителство на Насер Ал-Келаифи, претседателот на ПСЖ и ЕФЦ.
Ненад е првиот Македонец кој во областа на спортскиот менаџмент достигнува вакво ниво на образование и професионално усовршување на Харвард, една од најпрестижните универзитети во светот.
Ова достигнување е резултат на неговата посветеност, визија и континуирано вложување во развојот на професионализмот и лидерството во спортот. На оваа програма студентите беа под директно менторство на светски познатата Анита Елберс, која е професорка по бизнис администрација „Линколн Филин“ на Харвардската бизнис школа, каде што предава, спроведува истражувања и пишува за тоа како хит производите, супер ѕвездените таленти и големите организации успеваат во креативните индустрии.
Поради нејзината влијателна улога во медиумите и спортското највисоко образование, многу познати личности учествувале во нејзините програми, ги посетувале нејзините курсеви или биле предмет на нејзините академски истражувања и студии на случаи на Харвард, меѓу кои Леброн Џејмс, Дејвид Бекам, Мохамед Салах, Сер Алекс Фергусон, Жерар Пике, Кака и Оливер Кан.
„ФК Работнички е горд што во својот клуб има ваков кадар кој континуирано се усовршува и ја претставува Македонија и македонскиот фудбал и спортот воопшто, на највисоко светско ниво. Преку оваа програма, нашиот Генерален секретар не само што ги надгради своите знаења и вештини, туку и беше дел од одбрана група на водечки фудбалски професионалци од кремот на европскиот клупски фудбал, ПСЖ, Јувентус, Манчестер Сити, Челзи, Њукасл, Монако, Ајакс, Баер Леверкузен, Премиер Лигата и „Адидас“, што уште повеќе ја потврдува неговата улога како пример за македонскиот спортски менаџмент. Ова е уште една потврда и за долгогодишната доверба кој ја ужива кај раководните луѓе во EFC, најмногу поради неговиот ангажман и придонес во раководството и работните групи на ЕФЦ (до скоро позната како ЕКА, Европска Клупска Асоцијација). Сите ние во ФК Работнички му честитаме и му посакуваме уште поголеми успеси во иднината, продолжувајќи да го претставува Македонија на највисоко светско ниво во спортскиот менаџмент“ – порачаа од ФК Работнички.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

