ЕКИПА во Даблин, Р. Ирска
Владимир Булатовиќ
Македонскиот селектор Гоце Седлоски на прес-конференцијата во Даблин пред утрешниот натпревар со Р. Ирска на дуелот на двете поразени селекции во баражот за пласман на СП 2026, потенцираше дека од утрешниот дуел а потоа и низ пријателските средби во јуни ќе се гради тимот за она што не очекува од јуни и настапот во Б-дивизијата во Лигата на нации.
Дел од јавноста очекуваше во тимот уште за дуелот со Данска, да бидат повикани можеби и поранешните репрезентативци Стефан Ристовски и Аријан Адеми, посебно и во ситуацијата кога и самиот Седлоски потенцираше во Копенхаген дека негов најголем проблем се страничните позиции, посебно десната бековска позиција каде најмногу се импровизира.
Селекторот на прес-конференција одговори дека вратите за никого во националниот тим не се затворени, а веќе и разговарал со Стефан Ристовски и со Аријан Адеми.
„Разговарав и со Стефан Ристовски и со Аријан Адеми за понатаму. Вратите во репрезентацијата за никого не се затворени, така да од јуни сигурно ќе мора да има и новини и освежувања во националниот тим за се она што не очекува во Лигата на нациите од септември“ – рече Седлоски, кој одговараше и околу незадоволството кое се појави во селекцијата за време на мечот во Данска и повлекувањето од националниот тим на Бојан Миовски и на Александар Трајковски.
„Кој не сака да игра за Македонија никако не можеме да го натераме да игра. Затоа што секој треба да знае тој не игра ниту за мене ниту за било кого, тој игра за Македонија. И не треба никој да очекува да биде стартер на секој натпревар… Ќе повторам дека местото во првиот тим или со минутажа за никого не може однапред да биде резервирано“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

