Маркетингот е клучна работа во многу сфери од животот, а уште кога имате стан со поглед на стадионот во Зеница, а таму вашата репрезентација го игра „мечот на деценијата“ против Италија, треба само да знаете добро да го испромовирате.
Дино Мујановиќ го стори токму тоа, уште пред неколку дена објавувајќи фотографија со погледот од својата тераса, идеален за следење на вечерашниот фудбалски спектакл.
„Изнајмувам тераса. Цена 500 евра. Терасата може да собере четири лица, во цената се вклучени скара и пијалок по ваш избор“, напиша Мујановиќ во својата објава, по што веднаш почна да добива бројни понуди.
Билетите за спектаклот експресно се распродадоа, па цената растеше, а Мујановиќ дури и беше интервјуиран за познатиот италијански весник „Газета дело спорт“.
„Се почна како шега… кога победивме во Даблин беше јасно дека финалето го играме во Зеница, па решив да се пофалам со погледот од мојот стан. И веднаш почнаа понуди, еден ми нудеше пари, друг компири, трет автомобил „Лада Нива“. Сите ги одбив… Зошто? Па затоа што јас сакам да гледам“, коментира Мујановиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

