БАШ ПРИЈАТЕЛСКИ: Во меч без многу ритам и возбудувања, Ирска и Македонија со 0-0 на полувремето

ЕКИПА во Даблин, Р. Ирска
Владимир Булатовиќ

Ирска и Македонија играат баш пријателски натпревар на „Авива стадионот“ во Даблин, без многу возбудувања и без некој ритам на мечот, за 0-0 по првите 45 минути. Македонија имаше само еден обид преку Барди од слободен удар, а Ирците главно создаваа шанси по грешки во одбраната, и во два наврати влегувајќи во „офсајд замки“.

Во 21. минута првата шанса на мечот беше за македонската репрезентација. Капитенот Енис Барди одлично шутираше од 20 метри од слободен удар, но домашниот голман со крајни напори интервенираше исфрлајќи ја топката во корнер.

Но, тоа беше се од нашиот национален тим, а се останато од шанси за Ирците.

Првиот обид и на Ирците во 24. минута, кога Трој Перот со глава се обиде да го изненади Димитриевски, но сигурен е македонскиот голман на својата линија. Во 26.минута и Фин Азаз се обиде директно од слободен удар од 18 метри, но над голот на Димитриевски.

Трој Перот во 37. минута во убав соло продор се најде во нашиот шеснаесетник, се обиде со шут откосо, но непрецизно.

И, најголемата шанса во првиот дел ја имаше Трој Перот, кој ја искористи грешката на Дарко Велковски во нашиот шеснаесетник, му ја украде топката и иако беше на 12-13 метри осамен пред голот на Столе Димитриевски, шутираше крајно непрецизно.

Во продолжението Перот во два наврати изби сам пред нашиот гол, постигна и два гола, но и двата поништени поради офсајд позиции.

ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАР
Р. ИРСКА – МАКЕДОНИЈА 0-0 (прво полувреме)
„Авива стадион“ во Даблин. Гледачи: 40.000. Главен судија: Иван Арвел Грифит. Помошници: Брајант и Хендрикс (сите од Велс). Четврти судија: Робинсон (С. Ирска)
Р. ИРСКА: Келехер, Колеман, О’Ши, Моламби, Перот, Најт, Азаз, Скејлс, Иган, Огбене, Колинс
Селектор: Хеимир Халгримсон
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Фетаи, Зајков, Велковски, Херера, Костадинов, Алими, Барди, Чурлинов, Елмас, Растодер
Селектор: Гоце Седлоски

Се вчитува...