Елиминацијата на Италија од квалификациите за Светското првенство, по поразот од Босна и Херцеговина по изведувањето на пенали, беше опишана во италијанските медиуми како целосен неуспех и еден од најниските моменти во историјата на италијанскиот фудбал.
Тоа е пораз кој, според италијанскиот „Тутоспорт“ , има подлабоки причини – од врвот на федерацијата до состојбата на домашното првенство. Системот што се градел со години, како што се вели, сега е при крај, а последиците се видливи и на теренот и надвор од него.
Критики се упатени и кон организацијата на италијанскиот фудбал, со тврдења дека федерацијата се оддалечила од стандардите на остатокот од Европа. Особено се истакнува дека доминантните клубови не успеваат да обезбедат квалитет што би ја направил репрезентацијата конкурентна на највисоко ниво.
Некои меѓународни играчи, особено играчи поврзани со Интер, исто така беа критикувани. Алесандро Бастони и Федерико Димарко се посочуваат како симболи на разочарување поради лошите настапи, како и Давиде Фратеси, додека Франческо Еспозито е опишан како недоволно подготвен за ова ниво на натпреварување.
Единствениот кој е пофален е Мојс Кин, но со оценка дека ниту тој немал соодветна поддршка.
„Тутоспорт“ заклучува дека ова е „спортска трагедија“ која се подготвувала со години преку погрешни одлуки, лошо управување и, како што се наведува, нереално презентирање на квалитетот на националниот тим пред јавноста.
Конечно, се нагласува дека се очекуваат потези од челниците на италијанскиот фудбал, со апел за радикални промени, наместо, како што се наведува, да се продолжи со практиката на зачувување на позициите, привилегиите и постојниот систем што, според оваа проценка, води кон понатамошен колапс на италијанскиот фудбал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

