МКФ одлучи: Цело последно коло во ист термин

Суперинтересна е завршницата во кошаркарската Супер-лига, каде во пресрет на последното коло дури три екипи се во мртва трка за шестото место кое води во плејофот.

Куманово, Чаир и Тиквеш се во трка за оваа позиција која ќе значи и сигурен опстанок во елитното друштво, а со оглед на значењето на ова последно коло, федерацијата донесе правилна одлука – сите натпревари да се одиграат во ист термин, недела со почеток во 18 часот за максимална регуларност на оваа последна рунда.

ТФТ и МЗТ Скопје се во мртва трка за првото место, Пелистер е сигурно трет, а Маџари со победа над „фенерџијата“ Ангели е четвртопласиран.

Според пропозициите, најдобрите шест екипи ќе продолжат да разиграат за највисок пласман, и тоа еднокружно, по што по одигрувањето на петте последни кола ќе се прејде кон плејофот, во кој во полуфиналето ќе се најдат најдобрите четири екипи.

Жестока се очекува да биде и битката за опстанок, ако се знае дека сезонава испаѓаат три тима, а од Првата во Супер-лигата влегува само една екипа.

Во рамките од последното коло се среќаваат: Работнички – Куманово, Маџари – Ангели, Гостивар – Феникс, Тиквеш – ТФТ, Кожув – Пелистер и Чаир – МЗТ Скопје.

Се вчитува...