Фухсе Берлин создава фантастичен дрим-тим, но управата на Фленсбург не планира да седи со скрстени раце, туку и овој бундеслигаш подготвува потези со кои би останал рамо до рамо со најголемите германски клубови.
Добро познато е дека Берлин го има договорено потписот на Питлик од јули 2027 година, но на маса е понуда од 1,5 милиони евра за овој трансфер да се реализира една година порано, односно данскиот бек да му се прикучи на сонародникот Гидсел веднаш по завршувањето на оваа натпреварувачка сезона.
Oд Фленсбург засега нема одговор на оваа понуда, но последните информации говорат дека се големи шансите таа да биде прифатена, а потоа парите реинвестирани на вистински начин. Имено, весникот „Билд“ обелодени дека Фленсбург е со идеја да ги доведе во своите редови браќања Франциско и Мартим Кошта, кои настапуваат за Спортинг Лисабон. За планот да е комплетен, со нив би дошол и нивниот татко Рикардо Кошта, кој им е тренер во Спортинг, а со овој потег би добил шанса да се проба во најсилната лига на светот, и тоа имајќи ги двата сина во својот тим.
Португалците не сакаат да се разделат од двајцата клучни ракометари, но од друга страна понудата што Фленсбург ја подготвува, од вкупно 1,5 милиони евра за трите члена на семејството Кошта, се чини сепак е предобра за да биде одбиена.
Остану времето да покаже дали овие мегатрансфери ќе бидат реализирани…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

