Иднината на Енцо Фернандез во Челси е сериозно доведена во прашање по последните информации кои говорат дека речиси сите фудбалери на „сините“ се бесни на Аргентинецот поради неговиот однос во последните месеци.
Камерите го фатија Фернандез како во бројни ситуации влегува во конфликт со соиграчите за време на натпреварите на кои Челси се наоѓаше во „црна серија“, вината барајќи ја насекаде освен во своите постапки и настапи. Весникот „Телеграф“ обелодени дека тие конфликти продолжувале и во соблекувалната по натпреварите, по што на останатите фудбалери им пукнал филмот, па веќе не ја кријат нетрпеливоста кон Аргентинецот.
Медиумите најавуваат дека тој сигурно ќе биде продаден летово, особено откако Челси објави загуба од над 400 милиони евра, па лондонскиот клуб ќе мора да продаде најмалку две „ѕвезди“ за да избегне сериозни казни од УЕФА за прекршување на финансискиот ферплеј. Во ситуација кога Фернандез е проценет на 100 милиони евра, а Реал Мадрид покажува сериозен интерес, сосема реално и тој да си замине од „Стемфорд бриџ“ летово.
„Не знам што ќе се случи, дали ќе останам во Челси или не. Фокусиран сум на преостанатите осум рунди во Премиер-лигата и на ФА Купот. Потоа следи СП 2026, па ќе видиме“, прокоментира Фернандез за аргентинските медиуми за време на репрезентативната пауза.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

