Може ли Охрид да застане на патот на моќниот Вардар?

Денеска со почеток во 18.30 часот ќе се одигра дербито на третото коло од ракометниот плејоф во кој екипата на Вардар ќе го пречека Охрид.

Јасно е дека „црвено-црните“ како лидери на табелата важат за фаворити, уште повеќе ако се земе во предвид нивната форма во последните два месеци. Имено, „вардарци“ имаат шест победи во низа, од кои два над Алкалоид, еден над Е. Пелистер во Битола, како и два триумфа над бундеслигашот Мелсунген и еден над португалска Бенфика во ЕХФ Европскиот куп.

„Црвено-црните“ веќе најавија дека нема да дозволат еуфорија додека и математички не ја осигураат шампионската титула, а тоа секако не смеат да си го дозволат пред дуелот со ривал како Охрид, екипа што игра се подобро и подобро и атакува на третото место на табелата кое би требало да носи и влез во ЕХФ Европската лига следната сезона.

Охриѓани влегуваат во овој дерби дуел меѓу двете четвртфинални средби од ЕХФ Европскиот куп со Олимпијакос, а тренерот Ројевиќ ќе очекува идентично издание како на првиот дуел во Грција што неговиот тим го доби со пет гола разлика. Јасно е дека Вардар игра на далеку повисоко ниво отколку грчкиот гигант, „црвено-црните“ имаат  и две победи на двете овосезонски средби со Охрид, па јасно е дека гостите ќе имаат исклучително тешка задача да приредат изненадување вечерва во СЦ „Јане Сандански“.

 

Се вчитува...