Легендарниот Стојанче Стоилов од лето ќе го преземе кормилото на Бутел Скопје, откако потпиша договор на две сезони и ќе го замени Горан Кузманоски, кој заминува по крајот на оваа сезона.
Стоилов, кој во моментов е дел од стручниот штаб во сениорската машка репрезентација, по работата во Вардар, во нашиот клуб ќе го има првиот ангажман како прв стратег и се надеваме дека заедно ќе пишуваме многу убави страници во клупската историја.
Стоилов во играчката кариера настапуваше за Металург, романскиот Одорхеи и Вардар, каде мина дури 13 сезони и освои две титули во Лигата на шампионите, десет титули во македонската Супер лига, 11 трофеи во Купот на Македонија, како и пет титули во регионалната СЕХА лига.
„Сакам да се заблагодарам за довербата на раководството на Бутел Скопје. Ситуацијата во македонскиот ракомет е чиста – сега имаме четири клубови кои се помоќни финансиски од другите, но за да имаме силна репрезентација, другите клубови треба да се посветат повеќе внимание на македонските млади играчи и да не купуваат странци. Бутел веќе има костур на екипата, иако има и млади ракометари, но тие имаат суперлигашко искуство. Би го надополнил ростерот со млади од други екипи за кои сметам дека може да станат големи играчи. Амбициите остануваат и за наредната сезона – пласман во плеј-офот, само со македонски ракометари“, изјави новиот стратег на клубот.
Претседателот на Бутел Скопје, Бојан Спасовски, исто така истакна задоволдство по потписот на договорот.
„Баравме идеално и квалитетно решение за клупата на Бутел Скопје. Имавме краток состанок со Стоилов и веднаш се договоривме. Станува збор за легенда не само во македонскиот ракомет, туку и пошироко. Со него ќе добиеме и на квалитет и на искуство на клупата, а во ростерот и натаму ќе имаме млади македонски играчи. Амбициите ни се високи, па затоа се договоривме за соработка на две сезони. Mу даваме одврзани раце на Стоилов околу формирање на ростерот, а ние како раководство ќе се потрудиме да му обезбедиме максимални услови за работа, изјави Спасовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

