Први оставки во Италија: Се повлече првиот човек на Италијанската федерација!

Претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Габриеле Гравина поднесе оставка од таа позиција, објавија официјално од федерацијата.

Медиумите во Рим наведуваат дека Гравина одлучил да поднесе оставка по неуспехот на италијанската фудбалска репрезентација во квалификациите за Светското првенство, кое ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули оваа година во САД, Канада и Мексико.

Италија не успеа да се квалификува за Светското првенство, бидејќи пред два дена во Зеница, во финалето од плејофот за пласман на Светското првенство, беа поразени од репрезентацијата на Босна и Херцеговина со вкупен резултат од 5-2 (1-1), по изведувањето на пенали.

Италијанската фудбалска репрезентација, поради тоа, ќе го пропушти третото светско првенство по ред, по Русија во 2018 година и Катар во 2022 година.

Во соопштението на Италијанската федерација се наведува дека новиот претседател на Здружението ќе биде избран на 22 јуни.

72-годишниот Гравина беше претседател на Италијанската федерација од октомври 2018 година.

Се вчитува...