Гостувајќи на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, можеби двете најголеми имиња на женскиот екипен спорт во Македонија, Индира Кастратовиќ и Гордана Нацева, неизбежно се потсетија и на Светското првенство 1997 во Германија и освоеното 7. место што е најголем успех во историјата на македонскиот екипен спорт.
Но, се потсетија и на тоа како нашиот и регионален хит „Македонско девојче“ од авторот Јонче Христовски, стана химна на златните македонски ракометари на тој светски шампионат.
Легендарните Гоца Нацева и Ишка Кастратовиќ, не можеа да се договорат дали едната или другата ја почнала прва „акцијата“ за песната да се пее и игра на сред терен веднаш по победите на македонската репрезентација, но се согласија дека првпат тоа е изведено по победата над Шпанија во Мадрид, со кој триумф Македонија се пласираше на СП 1997… Но, тогаш и никој не знаеше за успесите на девојките, се до онаа спектакуларна победа против Данска на Светското првенство, по која повторно се пееше „Македонско девојче“.
„Па, Ишка вика таа прва почнала со ‘Македонско девојче’… Не знам, јас викам, па мене ми текна. Во Србија постојано ми ја пееја таа песна, ама првпат ние го направивме тоа во Мадрид. А после на Светското првенство кога ја победивме Данска. Првпат беше во Мадрид, во сред Мадрид, против репрезентацијата на Шпанија победивме и така се пласиравме на Светското првенство во Германија ’97“ – се потсетува Гордана Нацева, и дополнува:
„Ние живеевме во таа поранешна држава во која што „Македонско девојче“ беше симбол на Македонија. Значи таа песна ни е симбол на нас Македонците, посебно на македонската жена. Да речам и еве, можеби Ишка го стартувала тоа, но точно знам кој момент беше тоа, почетокот на прослава на нашите победи со таа песна, без исклучок и за репрезентација“.
Кастратовиќ, пак, се потсетува како песната „За она стара добра времена“, стана химна на Кометал ЃП…
„Тоа е песната: „Како е добро видети те опет“…, и таа дојде некако спонтано поради Гунар Прокоп поради кого бевме казнети од ЕХФ… Затоа што после нашето казнување – и сето она Прокоп што ни направи, ние се вративме и направивме чудо со освојување на Лигата на шампионите, и затоа е таа песна… И настана пак спонтано“ – вели Кастратовиќ во подкастот „ПРЕСИНГ“.
ЦЕЛОТО ПОТСЕТУВАЊЕ НА КАСТРАТОВИЌ И НАЦЕВА ЗА ТОА КАКО „МАКЕДОНСКО ДЕВОЈЧЕ“ СТАНА ХИМНА НА ЗЛАТНИТЕ ДЕВОЈКИ ОД 1997 ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА
==========================================
КОМПЛЕТНИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

