ТФТ како Давид против Голијат: Уриваме бариери на системот

ТФТ продолжи со испишувањето на клупска историја откако тимот од скопско Тафталиџе за првпат обезбеди пласман меѓу најдобрите четири екипи во АБА2 лигата, со сосема реални шанси за пласман во големото финале (во полуфиналето за ривал ќе ја има Сутјеска).

Редовно потценувани, тренерот (воедно и сопственик на ТФТ) Боро Смилковски и ентузијастите околу него секогаш наоѓаат начин да одговорат на злобниците онака како што доликува, со добра игра и победа на терен. Така беше и на последната мајсторка во четвртфиналето против Златибор, дуел на кој српскиот тим важеше за апсолутен фаворит пред своите гледачи, но ТФТ со маестрално издание стигна до заслужена победа и пласман во полуфиналето.

„Бескрајно сум горд на сето она што го правиме… искрено баш е добро да се биде ТФТ во овие неколку дена, да се ужива во „плодовите“ на оваа победа и влезот во полуфиналето на АБА2. Сите овие години од самото формирање постоиме како приватен проект, функционираме најдобро што знаеме и остваруваме одлични резултати, со еден куп-трофеј, со влез во финалето од плејофот во Македонија, сега и во полуфиналето од АБА2. Се чувствувам како Давид пред битките со Голијат, уриваме бариери на системот, бидејќи против себе имаме клубови со сериозна политичка и финансиска поддршка. Така, сега се среќаваме со Сутјеска, тим што во буџетот е помогнат од државата, потоа од градот од каде што доаѓа, плус потпишува богати спонзорски договори со компании во кои самата држава има свој удел. Тоа само ја прави нашата желба уште поголема, го победивме Златибор кој имаше речиси двојно поголем буџет од нашиот, а сега нема да се откажеме ниту против Сутјеска. Затоа што веруваме во нас и знам дека можеме да се носиме со секого, едноставно ја носиме таа тимска хемија и самодоверба во себе“, изјави Смилковски.

Уривањето на системот се однесува на регионалната АБА2 лига, но и на домашното првенство.

„Да, за жал тој систем постои и во мак-баскетот. Огромен дел од ривалите во домашното првенство ни се клубови кои добиваат сериозна помош од општините, нешто што никогаш досега не било случај со ТФТ, но ние сме се бореле и повеќе од достојно и многу почесто сме победувале отколку што сме губеле. Како? Затоа што имаме поставено сопствен систем, со кој ги уриваме бариерите што се создадени околу нас. Функционираме како семејство, со максимална почит и разбирање и на тоа сум максимално горд, не само како тренер, туку и како прв човек на ТФТ. Без никакво потценување на другите, но јас гледам на себе како на апсолутно подобар менаџер од сите останати кои ни ги водат клубовите, огромен дел од нив и со сериозни општински донации секоја година, а со далеку поголеми долгови, огромен дел од нив и со далеку послаби резултати од нас. Овде не говорам за мене самиот, туку начинот на кој сите ние функционираме како управа, со Нури, Горјан, Дуци, со Говенс како ко-сопственик во целата приказна и сите оние кои ќе се препознаат, а без кои не би успеале, сето тоа го прави ТФТ така посебен спортски колектив… Токму начинот на нашето функционирање овозможува да сме сигурни и за сезоната што доаѓа, дека ТФТ не само што ќе опстои, туку и повторно ќе се бори за трофеите на македонската кошаркарска сцена“, со оптимизам гледа на иднината првиот човек на ТФТ.

Се вчитува...