Гостувајќи на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, можеби двете најголеми имиња на женскиот екипен спорт во Македонија, Индира Кастратовиќ и Гордана Нацева, неизбежно се потсетија и на оние најславни години на македонскиот женски ракомет, годините кога се „крчкаше“ европската титула со Кометал ЃП.
Индира и Гоца се потсетија и на финалето 2000 во „Кале“, две години пред европската титула, кога големиот провокатор, сопственикот на Хипо, Гунар Прокоп беше погоден со предмет во нашата култна сала, Кометал го загуби финалето и доби суспензија од европските натпревари.
Но, таа година Индира Кастратовиќ ја посвети на семјството, и тогаш, како што вели, и се случи најубавото во животот – раѓањето на ќеркичката Сара, која ја добија со истакнатиот ракометен стратег и поранешен македонски селектор, Зоран Кастратовиќ.
„Таа суспензија мене добро ми дојде бидејќи ја родив мојата ќерка…. Фала му на Прокоп“ – низ смеа коментира Индира, веднаш потоа осврнувајќи се на инцидентот во „Кале“ и „феноменот“ Гунар Прокоп.
„Во тоа време, и салите беа поинакви и луѓето беа поинакви. Прокоп навистина беше доктор за тие работи. Тој не беше само една година. Јас знам дека осум години по ред освојуваше Лига на шампиони. Се е тоа наука, се, тој имаше стратегија за се. Беше спремен за тоа. Тој само чекаше некој нешто да направи. Значи, имаше сценарио веќе во глава што да направи. Чекаше една секунда, тоа не беше ништо страшно, само не требаше тоа да се случи апсолутно. Но, нашето Кале е такво какво е и мало е. Не може да не ни летне запалка, или паричка“.
А, за време на суспензијата…
„Тогаш неколку девојки заминаа од клубот, Лариса, не знам кој уште, Вале мислам тогаш отиде. Имаше можност да се оди на позајмица за настап во ЛШ, затоа што кај нас не беше толку јако првенството. Мене Трифун ми се јави и вика, што планираш ти? Јас останав и ете ми се случи најубавото нешто во мојот живот – раѓањето на ќерката Сара“ – вели Индира.
На неа се надоврзува и Гордана Нацева…, потсетувајќи се дека потоа Прокоп и самиот доби суспанзија од ЕХФ поради бројните неспортски потези на терен, од кој највпечатлив беше тој кога срамно влета на терен и сопре во напад противничка ракометарка.
„Таков лик како Прокоп, и позитивен и негативен во спортот. Позитивен, што навистина си изменаџира еден супер клуб, и најде начин како тоа да функционира и да биде европски шампион. Од друга страна е негативен затоа што имаше многу, многу неспортски испади и не бираше средства. Кај него не постои фер-плеј, тоа многу ме разочаруваше затоа што спортот е сепак фер плеј. Не може да влезеш на терен и на контра да го сопреш противникот и да спречиш контра… А, за тоа финале во 2000 година, во салата имаше таква атмосфера кога игравме со Хипо, јас не паметам, во поглед на тоа дека имаше енормно многу обезбедување. Само да не се случи нешто несакано. А пак се случи“ – вели Нацева дополнувајќи дека медалите за финалето потоа од Кометал ги добиле во хотел Турист.
„Мене ми е жално штомедалите ни ги дадоа во хотел Турист. Тоа не беше во ред, сепак е финале. Тогашниот генерален секретар на ЕХФ, Видерер ни ги даде и јас му реков дека не сум среќна, Ви благодарам, но јас не сум среќна. Ова требаше да ни го дадете на терен. Тоа беше прво финале на Кометал, и најголем наш успех дотогаш. Кој знаеше дека ние потоа ќе станеме после две години шампиони!?“.
ЦЕЛОТО ПОТСЕТУВАЊЕ НА КАСТРАТОВИЌ И НАЦЕВА ЗА ТОА КАКО „МАКЕДОНСКО ДЕВОЈЧЕ“ СТАНА ХИМНА НА ЗЛАТНИТЕ ДЕВОЈКИ ОД 1997 ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА
==========================================
КОМПЛЕТНИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

