Вардар и Шкендија ја продолжуваат битката за титула во Првата македонска фудбалска лига. Денеска двата тима имаат „домашни задачи“ и играат против екипи кои се борат за опстанокот. Шкендија за противник го има Пелистер, додека Вардар ќе игра против Македонија ЃП.
Ако Вардар и Шкендија немаат право на грешки и мора да победат за титула, тогаш и нивните конкуренти ќе мора да бркаат бодови за опстанок.
„Црвено-црните“ од Скопје иако се лидери на табелата, сепак, покажаа слабости, особено во последните пет кола, кога ги запишаа и единствените два порази досега во првенството: најпрво против Шкендија, а минатото коло загубија од Арсими. Избраниците на Гоце Седлоски го немаат тој луксуз и понатаму да пропуштаат бодови, затоа што Шкендија се доближи, се израмни бодовно со Вардар на табелата.
Од друга страна, пак, Македонија ЃП е блиску до опасната зона, и ќе мора да брка освојување на бодови. „Лавовите“ се во мини криза, затоа што имаат порази на последните три меча, а на последните пет натпревари го совладаа само тимот на Работнички.

Шкендија пред своите навивачи игра против Пелистер. Пред неколку кола токму битолскиот тим му направи големи проблеми на актуелниот првак во битката за бодови, па момците на Јетон Беќири мораше да стигнуваат негатива и со пресврт да слават против жилавиот тим на Пелистер, кому му се потребни бодови да избега од опасната зона.
„Атмосферата во тимот е позитивна и ние сме максимално фокусирани. Мораме да бидеме многу внимателни затоа што овие натпревари после репрезентативната пауза можат да бидат тешки и опасни. Заедно сме само два дена, но одиме 100% фокусирани да ги освоиме трите бода. Носиме поуки и од последниот меѓусебен натпревар кога работите не одеа како што треба, губевме, па потоа мораше да правиме пресврт. Се надевам дека овој пат ќе нема таква неизвесност и дека ќе дојдеме до триумф“, изјави дефанзивецот на Шкендија и новиот репрезентативец на Македонија, Имран Фетаи.
Битолчани, пак, со нов тренер одат на мегдан на шампионот. На кормилото се врати добро познато име во Марјан Секуловски, кој ќе има задача да го спасува тимот од најлошото. Тој посакува да се одигра тимски, и да се дојде до позитивен резултат.
„Квалитетите на Шкендија се добро познати, тие се добро составен и воигран тим, со голем индивидуален квалитет на поединци. Имаме максимален респект за противникот, нивните резултати во првенството, Купот и особено во европските натпреварувања зборуваат сами за себе. Мора да одиграме тимски, смирено и дисциплинирано. Во овие десет дена, се обидовме да поставиме работи кои ќе бидат од корист за утрешниот натпревар. Посакуваме позитивен резултат, а за тоа да се случи мора да одиграме максимално сконцентрирано и да ги искористиме шансите“, вели Секуловски.
ПМФЛ, 25. КОЛО
ДВОЈКИ ДЕНЕСКА
Тетово: ШКЕНДИЈА – ПЕЛИСТЕР (13:30 Ч.)
Скопје, Нац. Арена „Тодор Проески“: ВАРДАР – МАКЕДОНИЈА ЃП (15:30 Ч.)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

