Ракометарите на Охрид вечерва имаат голема шанса да испишат историја на клубот. За првпат да се најдат во полуфинале на едно европско натпреварување, и да го елиминираат грчки Олимпијакос од ЕХФ Европскиот Куп.
По првиот меч во Атина, Охриѓани имаат предност од 31-26, што би требало да биде доволно за пласман меѓу најдобрите четири тима.
Билетите за натпреварот се веќе распродадени, што значи дека полна сала и пеколна атмосфера ќе има вечерва во Охрид, со оглед дека за само неколку часа домаќините ја распродадоа салата.
„Имаме предност од пет гола од првиот натпревар, но тоа е опасен резултат во модерниот ракомет. Ни треба голема поддршка од публиката да оствариме пласман во полуфиналето од ЕХФ Европскиот Куп и да испишеме спортска историја за Охрид“, истакна тренерот Борис Ројевиќ.
Мечот започнува вечерва во 18:00 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

