Италијанските репрезентативци побараа исплата на премија од 300.000 евра пред решавачкиот натпревар од плејофот на Светското првенство против Босна и Херцеговина, пишува „Ла Република“.
Износот бил околу 10.000 евра по играч, кои би биле поделени доколку Италија се квалификува на Мундијалот. Барањето наводно било поднесено пред финалето од плејофот во вторник, во кое Италија на крајот беше поразена.
Сепак, тогашниот селектор Џенаро Гатузо наводно ги одвратил играчите од понатамошни преговори со Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ). Тој инсистирал дека бонусите можат да се дискутираат само откако ќе се обезбеди место на Светското првенство, а не пред клучниот натпревар.
Италија на крајот го загуби финалето од Босна и Херцеговина на пенали, што доведе до оставка на Гатузо во петокот. Тоа беше трет пат по ред италијанската репрезентација да не успее да се квалификува за Светското првенство. Претседателот на федерацијата Габриеле Гравина, и шефот на делегацијата, Џанлуиџи Буфон, исто така, поднесоа оставки по последниот неуспех.
Италијанскиот весник додаде дека играчите се обиделе да го убедат Гатузо да остане селектор по поразот, но тој одбил. „Ла Република“ ја оцени целата ситуација со премиите како одраз на менталитетот со кој дел од тимот пристапил кон натпреварот.
„Тажниот исход покажа дека Рино (н.з. Гатузо) бил во право, но исто така го опишува и менталитетот со кој некои италијански играчи влегоа во натпреварот што можеше да ја врати Италија на Светското првенство“, се вели во коментарот на весникот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

