Вардар немаше проблеми да дојде до триумф над Македонија ЃП со 5-1, и така да направи нова предност од три бода на табелата во ПМФЛ. „Црвено-црните“ максимално го искористија киксот на Шкендија која загуби претходно од Пелистер на домашен терен, и така направија голем исчекор кон табелата.
Конечно една доминантна игра на Вардар во пролетниот дел од сезоната, и убедлив триумф благодарение на расположениот Хоакин Торес, кој постигна два гола, и имаше една „асистенција“.
Откако Ајдоган и Стоилов не реализираа чисти шанси за Македонија ЃП, следуваше шоуто на Вардар. Во 31. минута од средбата Торес убаво ги „измеша“ противничките играчи, шутираше, Јанков кратко одби до Вековски, кој донесе предност за „црвено-црните“.
Следуваше црвениот картон на Кабаркас кој во 36. минута беше исклучен, а потоа стигна и водството од 2-0. Кастањеда прими топка по левата страна, од каде во пад успеа да го совлада Јанков и да зголеми на 2-0.
Во вториот дел целосна доминација на Вардар, која ја користи Торес со својот прв гол на мечот. Николов одлично му асистираше, а Аргентинецот од пеналтикот успеа да го совлада Јанков. Николов во 69. минута успеа да донесе предност и од 4-0 откако доби топка од Јанкулов, ја смири со гради и ја смести во голот.
Македонија ЃП успеа да намали во 71. минута од средбата преку Галевски. Меѓутоа „шоуто“ Торес го продолжи и во 75. минута кога повторно ја „измеша“ одбраната на Македонија ЃП, мина тројца играчи, и успеа да го совлада сам Јанков за предност од 5-1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

