ПРВА ЛИГА ПОД ЛУПА: Аргентинско танго и битолска „сопка“ за три чекори понапред на Вардар кон титула

Горан Бошев

Во насока на засилена промоција на фудбалската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од ПМФЛ. Покрај тимот на колото и најдобриот играч, ќе се обидеме да ви ги доближиме и сите најинтересни моменти од секое коло, низ една рекапитулација на настаните.

ТИМ НА 25. КОЛО

Малку кој веруваше дека после 25. коло во ПМФЛ Вардар ќе има три бодови предност пред Шкендија. Во прволигашките пресметки пред викендов влегоа со подеднаков број поени, а против себе имаа „лесни“ противници на своите терени. Шкендија играше против Пелистер, Вардар против Македонија ЃП. Тимот кој го презеде Марјан Секуловски беше веќе „прежален“, ако се има во предвид дека Шкендија беше во одлична форма. И, додека Вардар ја заврши својата работа, Шкендија се „сопна“ на неочекувана пречка. Пелистер не само што одолеа, туку и со три бода си замина од Тетово. Шкендија треба вината да ја бара во своите редови. Особено во неефикасноста. Многу работи зависат од Бесарт Ибраими, но најдобриот стрелец во Првата лига иако постигна гол, сепак, немаше свој ден да донесе победа. Неверојатни две промашувања, а потоа и казна во последните мигови од Керим за шокантна победа на Пелистер.

Требаше аргентинскиот тренер да дојде во Скопје, за Вардар да одигра танго по аргентински „ноти“. Хоакин Торес „танцуваше“ на Арената во дуелот против Македонија ЃП. Дриблинзи, потези за восхит, не можеа топката да му ја земат, „виновник“ за првиот гол на Велковски, а потоа и самиот постигна два, особено оној последниот кога ги „измеша“ противниците за, конечно, Вардар да одигра нешто добро во пролетниот дел од сезоната.

Битката за титулата е одамна интересна, а за опстанок сега уште поинтересна. Работнички сега се бори да излезе од опасната зона, и е на добар пат после одличната серија на резултати. Дека ништо не е случајно покажа и победата во Струга. Така сега ќе треперат Македонија ЃП, Пелистер, па и Арсими кој продолжува по старо после големиот триумф над Вардар. АП Брера нешто посигурна, Башкими „плива“ во нешто помирни води, а Тиквеш, пак, со одличната форма оваа пролет има речиси веќе обезбеден опстанок. Но, битката продолжува, а до крајот има уште малку – уште само осум кола до крајната цел. Шкупи после ова коло и дефинитивно е второлигаш. Чаирскиот тим одамна е отпишан, а сега и теоретски е во Втората лига.

====================================

ИГРАЧ НА КОЛОТО: Хоакин Торес (Вардар)

Аргентинско танго во режија на Хоакин Торес. Крилниот напаѓач на „црвено-црните“ едноставно блесна против Македонија ЃП. Конечно, заигра како што од него се очекува по потписот на почетокот на пролетниот дел од сезоната. Си поигруваше со противничките фудбалери, од неговиот шут падна првиот гол, а потоа постигна еден, а особено оној неговиот последен беше ремек дело кога ја „измеша“ одбраната на гостите и успеа да стрела во мрежата.

================================

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: Марјан Секуловски (Пелистер)

Само неколку денови откако го презеде кормилото на Пелистер, Марјан Секуловски се врати со голем триумф. Неговиот тим му „зеде скалп“ на шампионот Шкендија, и го оддалечи од одбрана на титулата. Секуловски веднаш направи чудо на својот нов мандат на кормилото на битолскиот тим, а сега ќе треба сето тоа да го заокружи и со дуел со Вардар, следниот противник на Пелистер во ПМФЛ.

==============================

ГОЛ НА КОЛОТО: Хоакин Торес (Вардар)

Одлична партија на аргентинскиот фудбалер Хоакин Торес од Вардар. Си поигруваше со дефанзивата на Македонија ЃП, а постигна и прекрасен гол. Оној вториот, кој беше петти за Вардар. Откако направи вистински „дар-мар“ низ одбраната на противникот, успеа да стрела во мрежата и да донесе тогаш 5-1.

ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ ПОСЛЕ 25. КОЛО:

Се вчитува...