Македонскиот кошаркарски репрезентативец Андреј Магдевски денеска беше успешно опериран по повредата на коленото што одличниот плејмејкер ја заработи минатиот месец бранејќи ги боите на МЗТ Скопје.
Како што информираат аеродромци, операцијата минала успешно, а пред Магдевски сега следи период на рехабилитација. Плејмејкерот нема да може да се врати на терените до крајот на сезонава, но прогнозите се дека тој ќе биде „фит“ за почетокот на следниот шампионат.
„Нашиот Andrej Magdevski денеска беше успешно опериран по тешката повреда на коленото, добиена на неодамнешниот домашен меч против Тиквеш. Тој се повреди при еден од карактеристичните пробиви кон противничкиот кош, по што по низа лекарски консултации беше решено дека е неопходен оперативен зафат.
👨⚕️ Плејмејкерот на МЗТ Скопје и на репрезентацијата на Македонија беше опериран од доктор Михајло Ивановски, специјалист по трауматологија во болницата „Аџибадем Систина“, која со години наназад е наш голем пријател и место каде што ги „лечиме раните“ по тешките битки на домашна и меѓународна сцена. Големо благодарам за докторот и за целиот персонал на нашиот партнер на полето на здравството, со надеж дека нивните услуги во иднина ќе ни требаат сѐ поретко. 🤝
💙 На Андреј пак, му посакуваме успешно постоперативно опоравување, а потоа и успешна рехабилитација, со надеж дека во рекорден рок ќе го видиме назад на кошаркарскиот терен. 💪“, објави македонскиот првак.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

