Возбудувањата во Првата македонска Лига продолжуваат денеска со почетните два натпревари од 26. коло. Во Куманово, Башкими го пречекува тимот на АП Брера, додека во Кавадарци Тивкеш го очекува дуел против Силекс.
Башкими доколку ја совлада екипата на Брера во голема мера ќе го обезбеди опстанокот, со оглед дека сега има пет бодови предност на табелата на шестата позиција.
„Натпреварот против Брера е многу важен за нас, бидејќи влегуваме во клучната фаза од шампионатот. Максимално сме фокусирани и подготвени. Се надеваме дека ќе ги освоиме трите бода“, изјави Фодај Травeли, играчот на Башкими кој во минатото настапуваше за АП Брера.
АП Брера има пријатни спомени од последниот дуел во Куманово, славеше со 0-2 пред малку повеќе од еден месец, па струмичани се надеваат дека и денеска би можеле да го применат истиот рецепт.
„Гледаме напред, затоа што првенството влегува во забрзан ритам. Нѐ очекува важен натпревар против Башкими во Куманово и подготвени сме да одговориме на предизвикот. Како и секогаш, одиме да се надигруваме, и нека победи подобриот“, порачуваат од тимот на АП Брера.
Разликата помеѓу Силекс и Тиквеш во моментов изнесува шест бодови во корист на кратовскиот тим, а кавадарчани со триумф би можеле да се замешаат во борба за четвртата позиција до крајот на сезоната.
„Секако дека посакуваме продолжување на таа позитивна серија. Тиквеш според мене пролетва игра одличен фудбал, и така треба да продолжиме. Домашниот терен за нас секогаш е предност, навивачите секогаш за нас се „дванаесетти“ играч. Нема дилеми дека и денеска ќе дадеме 100% за да дојдеме до нови три бода и да ја направиме оваа полусезона уште поуспешна за Тиквеш“ – вели фудбалерот на Тиквеш, Данаил Тасев.
Од таборот на Силекс очекуваат дека ќе продолжат со победите, и дека ќе врзат триумфална серија. Го ценат противникот и неговите резултати оваа пролет, но сакаат да се надигруваат против Тиквеш, и на крај да дојдат до трите бода, за да се зацврстат на четвртото место на табелата.
„На секој натпревар Силекс оди да се надигрува, и така ќе биде и денеска. Дали тоа ќе биде доволно за трите бода, ќе видиме. Играме против Тиквеш во Кавадарци. Сите знаат дека Тиквеш е „домашна екипа“, но одиме на победа како и на секој натпревар. Имавме една мала резултатска криза, и мислам дека е време да почнеме да победуваме. Натпреварот со Шкупи малку ја крена самодовербата, и време е да фатиме серија на триумфи. Знаеме дека Тиквеш е во добра форма, и мислам дека ќе биде добар натпревар денеска во Кавадарци, и секако се надеваме на позитивен резултат“, изјави фудбалерот на Силекс, Ангелче Тимовски.
ПМФЛ, 26. КОЛО
ДЕНЕСКА, 15:30 Ч.
Куманово: БАШКИМИ – АП БРЕРА
Кавадарци: ТИКВЕШ – СИЛЕКС
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

