Има или нема криза, резултатска или од било кој друг вид, истата се заборава штом судиското свирче означи старт на најголемото фудбалско дерби во Македонија, порачуваат од вардаровиот табор пред денешната мега-пресметка против Пелистер во Битола.
Овој пат вечните ривали се соочуваат од 20 часот на стадионот „Петар Милошевски“ во безмалку судбоносна средба. Исполнети се сите услови за нов фудбалски спектакл. Рефлектори, добра атмосфера на трибините, домашни, гостински навивачи и секако неопходни бодови на двете страни.
Изминативе денови се „разгоре“ јавноста со информациите за организациска и финансиска криза во редовите на Вардар, фудбалери без неколкумесечна плата и целокупно лошо менаџирање на клубот од страна на актуелното раководство предводено од Миленко Неделковски. Но, и покрај тоа „црвено-црните“, и со лошо раководство зад себе или не, порачуваат дека неизбежно одат на победа во Битола.
Всушност, победата е императив за двата ривали. Вардар за да и натаму биде лидер во шампионскиот поход и задржување на бодовната предност во однос на втортопласираната Шкендија, а кај Пелистер за да можат битолчани конечно малку да здивнат од заканата за преселба во понизок ранг..
Тоа што двата клуба во моментов се на дијаметрално спротивни страни на табелата, ниту значи ниту пак некогаш значело во овие дуели. Едноставно дербито е дуел во кој ама апсолутно ништо не е поважно од победата над вечниот ривал. И ништо помалку од тоа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

