Радовиш ги отстрани тренерот и капитенот: Формирале нов ракометен клуб во градот

Тренерот Спасе Георгиев и капитенот Здравко Постолов не се повеќе дел од РК Радовиш. Како што соопштија од клубот, двајцата сакале да основаат нов ракометен клуб во градот, по што реагираше клубот, и се реши да ги отстрани.

„Ракометниот клуб Радовиш ја информира јавноста дека досегашниот тренер Спасе Георгиев и капитенот на екипата Здравко Постолов повеќе не се дел од клубот.

Ваквата одлука е донесена поради нивното дејствување како основачи на нов ракометен клуб во градот, реализирано на начин што РК Радовиш го оценува како неетички, нефер и спротивен на основните спортски принципи.

Со оваа постапка е нанесена директна штета врз угледот и интегритетот на клубот, кој со години вложуваше значителни ресурси и доверба во нивниот развој како спортисти и професионалци.

РК Радовиш, како клуб со долгогодишна традиција и значајно место во Супер лигата, нема да толерира дејствија што го нарушуваат неговиот кредибилитет и вредносен систем.

Во иднина, клубот ќе продолжи да делува принципиелно, со јасна определба за заштита на сопствените интереси и зачувување на угледот“, стои во објавата на РК Радовиш.

Се вчитува...