Беќири: Одлична реакција по поразот од Пелистер

Шкендија со 3-0 го совлада Работнички на мечот одигран денеска на ТЦ „Петар Милошевски“ во Скопје, и ја продолжи битката за титулата. Тетовскиот тим веднаш се врати на победничките патеки, после поразот на домашен терен од Пелистер.

Тренерот на шампионот Јетон Беќири е среќен што неговиот тим одговорил со победа после шокантниот пораз на домашен терен, кој го оддалечи од првото место.

„Мислам дека ова беше одлична реакција по поразот од Пелистер. Доминиравме во натпреварот од почеток до крај, освен една индивидуална грешка на почетокот на второто полувреме каде што голманот нè спаси. Остатокот од полувремето го контролиравме ние и тоа беше победа што ни беше потребна во овие моменти бидејќи, да бидам искрен, и ние како персонал, и играчите, и јавноста, и навивачите, сите го доживеавме тој пораз со Пелистер многу лошо. Тоа беше неочекуван пораз, но фудбалот има вакви ситуации и ние мора да реагираме по поразот и да се бориме на секој натпревар за трите бода.“, изјави Беќири.

Предводникот на тетовци вели дека денеска неговиот тим победил тим кој е во одлична форма.

„Работнички беше тимот во најдобра форма во моментов, победувајќи на последните четири натпревари. Јас лично бев во Струга и го гледав натпреварот, таму имаа многу добар настап, беа многу организиран тим и се бореа. Сепак, верувам дека денес желбата на играчите на Шкендија одлучи, квалитетот секако, но и агресивноста што ја покажавме денес“, заврши ЈЕтон Беќири.

Се вчитува...