Струга Трим Лум доживеа непријатен пораз од Работнички (1-2) во минатото коло и сега сака експресно да се врати во победнички ритам со триумф над Шкупи. Формално како гости, но стружани денеска (15:30 часот) ќе играат на својот стадион.
„Очекувањата, како и на секој натпревар, се трите бода. Ние како тим на секој меч покажавме дека, без разлика на противникот, играме на победа и така ќе пристапиме и на денешниот дуел против Шкупи, без оглед на ситуацијата и позицијата во која се наоѓа противникот“, изјави дефанзивецот Гледи Мици.
Стружани не се предаваат и веруваат дека до крајот на првенството можат да стигнат до втората позиција на табелата, која носи излез на европска сцена.
„Има уште многу бодови во игра и ние како Струга Трим Лум до крај ќе се бориме да го освоиме второто место. Шансите за Европа мислам дека се реални и верувам дека на крајот ќе ја оствариме целта“, истакна фудбалерот на Струга Трим Лум.
Ова ќе биде трет меѓусебен дуел на Шкупи и Струга Трим Лум оваа сезона, а стружани претходно забележаа две победи против последнопласираниот тим на табелата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

