Веста што се појави во азербејџанските медиуми за наводниот конфликт меѓу Саша Илиќ и неговиот играч во Сумгајт предизвика големо внимание и на Балканот, па сега се огласи и поранешниот капитен на Партизан.
Според медиумите, Илиќ наводно се пресметал физички со стоперот од Украина, Данило Бескоровајни, за време на тренинг.
Сепак, Саша ја негираше целата приказна во интервју за „Телеграф“ – и тоа во свој стил.
„Тоа е најобична глупост. Ако навистина сакате да ми дадете значење, напишете дека сум претепал Украинец кој е висок 195 и тежок 100 кг. Излегува дека сум некаков Херкулес“, рече тој.
Во позадина на целата ситуација, како што може да се заклучи, има и неодамнешни нарушени односи во клубот.
Илиќ неодамна јавно ја критикуваше администрацијата за неисполнети ветувања во зимскиот преоден рок, по што односите се заладија.
Според достапните информации, српскиот тренер нема намера да ја продолжи соработката со Сумгајт, иако му била понудена таква опција.
До крајот на првенството остануваат уште седум кола, а Сумгајт го зазема седмото место со 32 бода, без реални шанси за учество во борбата за европските натпреварувања, но и без опасност од испаѓање.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

