Гостувајќи на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, едно од најголемите имиња на македонскиот женски спорт во историјата, европскиот шампион со Кометал ЃП од 2002 година, Гордана Нацева, зборуваше и за актуелните состојби во домашниот женски ракомет, но и спорт воопшто, кој се чини дека не ја добива соодветната финансиска поддршка од домашната бизнис заедница.
Нацева потенцира дека мора домашните компании повеќе да го помагаат женскиот спорт „затоа што без силни жени нема добро општество, без силни спортистки нема успешни жени утре на добри позиции“.
А, во македонскиот спорт мора конечно да се разбере дека: Најпрво се потребни вложувања, инвестиции и услови за работа, а потоа да се бараат резултати. А не обратно!
„Публиката во салите ги привлекува резултатот, и маркетингот. Резултат немаме, врвен резултат во женска конкуренција. И покрај тоа што еве Ракометната федерација прави напори сега да го анимира женскиот спорт. Во многу други градови се организираат настани, па и салите почнуваат да се полнат. Но, недостасува резултат. Потребни ни се и квалитетни играчи, а добро знаме дека играчите се продуцираат од клубовите. Клубовите, пак, немаат финансии, спонзорите се повлекуваат, не знам од кои причини… Можеби е тешко да се обезбедат плати за сопствените вработени, а не уште да одвојуваат за спорт, но ретки се тие што инвестираат. Ние со Индира сме тропнале на многу врати за Вардар. Не беа отворени вратите сите…. Им благодариме на тие што наоѓаат желба, мотив да дел од својата фирма го вложат во спортот“ – вели Нацева и дополнува:
„Мора да бидеме свесни дека таа бизнис заедница е составен дел од општеството, од спортските резултати и мислам дека треба поголема поддршка затоа што во женска конкуренција до пред две години имавме само еден систем на натпреварување. Сега малку се подигна нивото, па ќе видиме како тоа ќе оди. Но, многу жртви бара спортот и секако финансиска поддршка. Во Македонија треба прво да се создадат услови и потоа да бараме резултати. А кај нас е се обратно… Ако се направи инцидентен резултат, тогаш дај да направиме услови, Не! Да направиме прво услови и тогаш од луѓето што ги водат клубовите, од тренерите, од играчите да бараме резултат. Јас се радувам што таква голема компанија како што е Алкалоид вложува во ракометот“.
Според една од најдобрите спортистки на Македонија на сите времиња, без силни жени и во спортот, немаме силно оппштество…
„Но, да не го забораваме женскиот спорт, затоа што без силни жени нема добро општество, без силни спортистки нема успешни жени утре на добри позиции. Тие луѓе што водат фирми имаат и ќерки и внуки, треба да ни помогнат во женскиот спорт. Ништо не е страшно. Никој не бара седмоцифрени износи на суми. Бараме нешто што ќе може за да нормално функционираат клубовите. А кога, кога веќе ќе почнеш да вложуваш и кога ќе дојдат резултатите, тогаш ќе се појави и интерес и кај други компании… Тешко е да го почнеш целиот процес“ – вели Гордана Нацева.
ЦЕЛОТО ИЗЛАГАЊЕ НА ГОРДАНА НАЦЕВА ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА…
==========================================
КОМПЛЕТНИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

