Во среда, 8 април, почина легендарниот тренер на Партизан Душко Вујошевиќ. Буквално цела кошаркарска Европа се збогува од легендарниот тренер, а порака испрати и првиот човек на Кошаркарската федерација на Македонија, Томе Главчев.
Токму Томе Главчев беше еден од спонзорите на Партизан во времето кога на чело на српскиот тим седеше Душко Вујошевиќ.
„Со длабока тага ја примив веста за заминувањето на мојот голем пријател, но и еден од најголемите кошаркарски умови на овие простори, Душко Вујошевиќ. Дуле не беше само врвен тренер – тој беше човек со став, со принципи и со огромна љубов кон кошарката. Неговото знаење, енергија и посветеност оставија неизбришлива трага во развојот на многу генерации играчи и во самата игра.
За мене лично, ова е загуба на искрен пријател и човек од кој многу научив – не само за кошарката, туку и за животот. Во периодот кога бев предводник на КК Кожув, без двоумење прифати да биде дел од еден пријателски турнир организиран во Гевгелија – мојот роден град и градот од кој потекнува Кожув. Тоа беше гест што никогаш нема да го заборавам.
Подоцна, кога го формирав Блокотехна, постојано беше тука – со совети, идеи и искрена поддршка околу кошарката. Неговата подготвеност да помогне и да сподели знаење беше нешто што ретко се среќава.
Посебно ќе го паметам и моментот кога, на еден голем пријателски натпревар помеѓу Партизан и Фенербахче, кога на клупата на Фенербахче беше Жељко Обрадовиќ, а Партизан го предводеше Дуле, Блокотехна беше поканета како гостин. Целиот тим имаше чест да биде дел од тој спектакл – уште еден доказ за неговата големина и човечност. Ти благодарам за сето внимание, почит и посветеност што ни ја пружи. Неговото дело ќе живее преку сите оние што ги создаде и инспирираше. Почивај во мир, пријателе“, напиша Главчев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

