Силекс по нова победа – Васоски верува во триумф против Башкими!

После серијата од две победи по ред, Силекс денеска оди на трет триумф во низа и против Башкими пред своите навивачи во Кратово во 27. коло од шампионатот.

Од таборот на кратовскиот тим посакуваат уште една победа во првенството, и најавуваат дека до крај на првенството ќе се борат за третото место на табелата, и покрај тоа што разликата со Струга ТЛ во моментов изнесува 10 бодови.

Силекс го цени противникот, и ветува дека ќе даде максимум за да стигне до триумф во денешниот меч.

„Во добра серија на победи сме, но сега треба да продолжиме во ист стил. Фаворитската улога на хартија треба да ја оправдаме и на терен. Сметам дека сите работи ќе зависат од нас на овој меч, односно дали ќе бидеме ние вистинските. Ако бидеме на нашето ниво, тогаш не би требало да имаме проблеми. Ќе ја играме нашата игра и верувам дека можеме да дојдеме до трите бода“, изјави Александар Васоски, шефот на стручниот штаб на кратовци.

Но, оптимизам владее и во таборот на Башкими. Според дефанзивецот Фисник Зука кумановскиот тим традиционално игра добро во Кратово и верува дека таквата низа ќе продолжи и на претстојниот дуел. Иако признава дека натпреварот ќе биде тежок, тој предвидува позитивен исход за својот тим.

„Нè очекува многу тежок натпревар, но во вакви ситуации Башкими обично игра без притисок и секогаш излегува како победник. Се надевам дека од Кратово ќе се вратиме со три бода за да ги израдуваме нашите навивачи. Кратово отсекогаш ни носело среќа и очекувам истото да се повтори“, изјави Зука.

Иако самодовербата кај кумановци е на високо ниво, традицијата во меѓусебните пресметки е на страната на Силекс, кој брои 12 победа. Башкими славеше на 6 дуели, додека 5 натпревари завршија со нерешен исход. Последниот нивен дуел одигран во Кратово заврши без голови (0-0).

Натпреварот Силекс-Башкими, ќе се игра денеска на градскиот стадион во Кратово, со почеток во 15:30 часот.

Се вчитува...