Вардар и Работнички во градска пресметка: Секој со своите маки!

Во денешната прволигашка програма еден од двата натпревари е соочувањето на градските ривали Вардар и Работнички.

Вардар како лидер на табелата по дваесет и шест одиграни мечеви и собрани 62 бода има задача да ја продолжи позитивната низа во шампионатот и да освои нови три бода. Без разлика на „турбуленциите“ во тимот, без разлика на фактот дека раководството водено од Миленко Неделковски и спортскиот дел, односно тимот, функционираат како две одделни единки – а не како ист клуб, за Вардар трите бода се императив за да остане со предност во шампионската трка пред Шкендија.

Од друга страна пак, Работнички води грчевита битка за опстанок. И тие во една мачна сезона. По очајниот прв дел од првенството, во продолжението работите мрднаа во некаков поинаков правец во вториот дел, па во последните седум меча имаат пет победи. Сега, во градската пресметка влегуваат по поразот од шампионот Шкендија на комплексот „Петар Милошевски“ од 0-3.

Грешките од претходниот дуел не треба да се повторат, а избраниците на Муарем Муарем се надеваат дека можат да останат непоразени во градската пресметка со „црвено-црните“.

„Вардар е лидер и се бори за шампионската титула, но и ние имаме своја цел, да обезбедиме опстанок во елитата. Ќе се бориме до последен атом на силите, затоа што секој бод за нас е исклучително важен до крајот на сезоната. Верувам дека тимот ќе успее да се врати психолошки по поразот од Шкендија, а мотивацијата секако е на највисоко ниво. Се надеваме дека ќе успееме да ја оствариме нашата цел“, вели Муарем Муарем пред денешниот дуел.

Мечот на Арената Тодор Проески во Скопје денеска почнува од 15:30 часот. Вардар е номинален домаќин, што не е и некаква предност секако, затоа што и Работнички ќе се чувствува како дома.

Се вчитува...