Пелистер со триумф над Маџари го почна плеј-оф доигрувањето за титула

Кошаркарите на Пелистер успешно го стартуваа финалниот процес во битката за плеј-оф разигрувањето во најсилниот домашен шампионат, триумфирајќи во првиот натпревар од доигрувањето против незгодната екипа на Маџари со 84-72.

На натпреварот во Битола, Пелистер дојде и до третата своја победа сезонава против овој ривал, овој пат и убедлива, благодарение на одлично одиграните втората и трета четвртина од дуелот.

Мечот во Битола стартуваше израмнето, главно со почетно оценување на силите, за да гостите заминат со предност од 17-20 по првиот период на играта. Но, потоа тотална доминација на нашите кошаркари. Дејвис и Крстевски предводеа во вториот период во нападот кој му припадна на Пелистер со 25-18.

Во третиот период, пак, се надополни и Џенкинс со одлична игра во офанзивата, за да следи континуирано резултатско одвојување од противникот, и влез во последната четвртина со предност од убедливи 68-52.

Во последната четвртина, некако, следеше опуштање на домашните кошаркари, па гостите тоа го искористија за да со серија од 3-12 во првите пет минути од последната четвртина, дојдат до драматични 71-64. Сепак, со кошевите на Џенкинс и потоа на Малешевиќ следеше брзо враќање, за нова двоцифрена предност (76-65), а потоа и до водство од 82-67 со што веќе беше јасно кој ќе ја однесе победата на натпреварот.

На крај, за конечна победа од 84-72.

Најефикасен во редовите на победничкиот тим беше Џенкинс со 30 поени, а дополнети и со четири скока и две асистенции, а Малешевиќ заврши со „дабл-дабл“ ефект од 13 поени и 10 скока. По 11 поени постигнаа Крстевски и Вилсон. Кај Маџари се издвои Армстронг со 18 постигнати поени, а 15 поени запиша Левис.

Се вчитува...