Женската ракометна репрезентација на Македонија успеа да обезбеди пласман на уште еден европски шампионат, без оглед на денешниот убедлив пораз од репрезентацијата на Словенија (27-18). Нашите ракометарки го освоија третото место во групата, зад Германија и Словенија, пред Белгија, но што е уште поважно, оставија зад себе две селекции во рангирањето на најдобрите третопласирани.
Според пропозициите на ЕХФ, најдобрите четири од шесте третопласирани репрезентации стигнуваат до билет за ЕП, зад нас во ова рангирање се најдоа Италија и Финска, што значеше и трето учество во серија на Македонија на континенталните собири во женскиот ракомет.
Сепак, таму ќе треба да се прикаже далеку подобра игра од она што го гледавме од нашите ракометарки во овој квалификациски циклус. Истото беше случај и попладнево во Словенија, на дуел што имаше многу повеќе значење за нас отколку за противникот, но дуел во кој Словенките целосно доминираа.
Домаќинките од самиот старт се одлепија, поведоа со 10-4, потоа и со 14-6, за на одмор да се замине со 15-8. Словенија имаше и двоцифрено водство (20-9), по што македонските ракометарки за момент го запреа налетот на противничките, ја намалија негативата, завршувајќи го овој дуел со конечните 27-18.
Голманката Андреа Илиќ со 14 успешни интервенции беше најдобра во македонскиот табор, а во фазата на нападот најефикасни беа Ангелла Јанкуловска со четири, пред Гакидова и Марија Јанкуловска со по три погодоци.
Она што е најважно, Македонија повторно ќе биде дел од едно Европско првенство… Но, за таму, ќе мораме да свртиме нов лист…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

