По поразот од Пелистер, Шкендија се врати на победничките патеки совладувајќи го тимот на Работнички со 3-0, и доближувајќи му се на првопласираниот Вардар на само еден бод разлика.
Денеска од 15:30 чатот тетовските „црвено-црни“ играат со последнопласираниот тим на Шкупи на домашен терен, и се очекува лесен триумф во трката за првото место на крајот од сезоната.
Од таборот на Шкендија се свесни за ситуацијата во која се наоѓа нивниот противник, но велат дека простор за потценување нема, и дека до крајот на првенството на секој меч ќе одат на победа, без разлика кој им е противник.
„Убедливиот триумф над Работнички имаше многу позитивно влијание врз атмосферата во екипата. По неочекуваниот пораз од Пелистер, мораше да се кренеме и да го продолжиме патот кон одбран на титулата. Сега сме максимално фокусирани кон следниот предизвик, а тоа е екипата на Шкупи. Жал ни е што тим со таква историја е на таква позиција. Но, ние сме Шкендија и без оглед на пласманот, го почитуваме секој противник и ќе бидеме максимално фокусирани до крајот на првенството да дојдеме до што повеќе бодови“, вели Лорик Јакупи и дополнува:
„Мора да ја одржиме позитивна форма, ќе играме како да е дерби натпревар. Нема простор за потценување, нашата цел е да победиме на доминантен и убедлив начин. Не смееме ништо да оставиме на случајот на нашиот пат кон првото место на табелата“.
Тренерот на Шкупи, Алиса Виши, потенцира дека ова е тежок предизвик, но верува дека секој играч што ќе истрча на теренот ќе го даде својот максимум. Тој се надева дека овој ангажман и пожртвуваност на играчите ќе бидат наградени во следната сезона.
„Нè очекува многу тежок натпревар. Имаме почит кон Шкендија и нивните навивачи. Ние продолжуваме по нашиот пат, а на Шкендија ѝ посакуваме успех до крајот. Горд сум на овие момчиња кои се борат на секој натпревар и го даваат најдоброто од себе. Се надевам дека овој труд и жртва на овие млади фудбалери ќе се исплати во следната сезона“, изјави Алиса Виши.
Историјата на меѓусебните дуели е во полза на Шкендија. Тетовскиот тим брои 22 победи, додека Шкупи досега забележал само 6 триумфи. Она што изненадува е големиот број на нерешени резултати – дури 12 натпревари завршиле без победник.
Натпреварот Шкендија – Шкупи, ќе се игра на градскиот стадион во Тетово, со почеток во 15:30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

