Фудбалерите на Тиквеш стигнаа до голема победа на гостувањето кај Струга Трим Лум од 1-2 во натпревар од 27. коло во Првата македонска фудбалска лига.
Домаќините поведоа со 1-0 со автоголот на Тасев кој несреќно ја внесе топката во својот гол по ударот на Марјан Радески. До крајот на првиот дел гостите успеаја да израмнат на 1-1 преку Рамади во 26. минута. Во вториот дел гостите стигнаа до целосен пресврт 1-2 со погодокот на Сила во 56. минута.
Мечот помина во сенка на страотниот момент на средината на вториот дел. По еден дуел онесвестен на теренот падна фудбалерот на домаќините Папе Фол. Брзо му беше укажана помош, по што фудбалерот од Сенегал успеа да застане на нозе. Непознато е зошто лекарскиот тим и главниот судија му дозволија да го продолжи мечот.
По само пет минути Фол повторно се сруши на земјата и мораше да биде пренесен во болница со амбулатно возило.
Во вториот дуел од денешната програма Шкендија славеше со 6-0 против Шкупи. Меличи со двата гола во 13. и во 20. минута донесе брзо водство од 2-0 за својот тим, а до крајот на првиот дел беше и 3-0 со погодокот на Бесарт Ибраими во 45. минута. Во вториот дел Бесарт Ибраими со својот втор гол во 66. минута зголеми на 4-0, а 5-0 беше со голот на Љатифи во 85. минута. Конечните 6-0 ги постави Љатифи во 87. минута.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

