Лос Анџелес лејкерс го освои четвртото место во Западната конференција и на стартот од плејофот ќе се сретне со Хјустон рокетс, серија за која „езерџиите“ ќе бидат сериозно ослабени.
Остин Ривс по најновата повреда сигурно ќе ја пропушти целата серија, а сериозна е опасноста тренерот Редик да не може да смета ниту на Лука Дончиќ. Словенечката суперѕвезда ги мина последните две седмици во Европа, на специјални третмани во Мадрид што требаше да ја забрзаат неговата рехабилитација по кинењето на мускулот.
Враќањето на Дончиќ во Лос Анџелес е предвидено за утре, кога тој ќе биде повторно прегледан од клупскиот медицински тим. Она што е сигурно, Лука ќе ги пропушти првите две средби во Ел-Еј, но „езерџиите“ се надеваат дека тој сепак ќе може да се најде во тимот за следните две средби во Хјустон.
Сепак, повеќе детали се очекуваат за околу 48 часа, кога специјалистите ќе обелоденат во која фаза е рехабилитацијата и кога Дончиќ ќе може да почне со тренинзи со остатокот од екипата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

