Фатјон Јусуфи изрази големо задоволство по минималната победа на Арсими во Скопје против Македонија Ѓорче Петров, каде што беше и стрелец на единствениот гол на натпреварот, но потенцираше дека фокусот на екипата сега целосно е насочен кон новиот предизвик за гостиварци, а тоа е денешниот дуел со Пелистер.
„Победата во Скопје беше многу важна за нас, и поради освоените бодови, и поради самодовербата што ни ја дава како тим. Среќен сум што помогнав со гол, но пред се сакам да го истакнам ангажманот и дисциплината на целата екипа”, изјави Јусуфи.
Говорејќи за денешниот натпревар против Пелистер, играчот од средниот ред нагласи дека Арсими влегува максимално мотивиран да ја продолжи позитивната серија.
„Не очекува тежок натпревар, но играме на домашен терен и пред нашите навивачи. Тоа е дополнителен мотив да го дадеме максимумот. Во текот на неделата добро се подготвувавме и атмосферата во тимот е многу позитивна”, додаде тој.
Според Јусуфи, клучот за успехот ќе биде концентрацијата и колективната игра.
„Мораме да бидеме внимателни од првата до последната минута, да играме како тим и да ја искористиме поддршката од публиката. Нашата цел е јасна, да забележиме позитивен резултат и да го продолжиме нашиот пат со смиреност и самодоверба”, заклучи Јусуфи.
Натпреварот од 27. коло меѓу Арсими и Пелистер ќе се одигра денес во 13 часот на градскиот стадион во Гостивар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

