Охрид потпиша и со екс-вардарецот Карапалевски

Охрид останува најактивен тим на македонскиот ракометен пазар откако „сино-белите“ денеска официјализираа уште еден трансфер, потпишувајќи договор со Мартин Карапалевски.

Овој 26-годишен среден бек до пред неколку сезони ги бранеше боите на Вардар, по што се пресели во шпанската АСОБАЛ-лига и две сезони настапуваше за Валјадолид.

Карапалевски веќе најави дека ќе си замине од Валјадолид летово, а по одлуката за камбек во македонскиот ракомет ја избра понудата на Охрид, за двогодишна соработка со овој клуб.

„Се радувам што ќе бидам дел од ГРК Охрид, клуб кој расте од година во година. Уште од првите разговори ми се допадна идејата и проектот по кој клубот сака да се движи во наредните години. Со нетрпение чекам да настапам пред охридската публика и верувам дека заедно ќе се радуваме и ќе ги исполниме целите на клубот.” – изјави Карапалевски.

Се вчитува...