„Земјотрес“ во НБА: Три суперѕвезди ги менуваат тимовите

Регуларната сезона заврши и ни претстои суперинтересен плејоф во кој Оклахома Сити ќе го брани трофејот, но и по завршувањето на целокупната сезона се очекува бурно лето во НБА-лигата.

Причина, статусот на три огромни ѕвезди кои летово речиси сигурно ќе ги променат клупските бои. Листата ја предводи еден од најдобрите на сите времиња, Леброн Џејмс, зад кого „трејд“ чекаат и Јанис Адетокумбо и Каваи Ленард.

Леброн е единствениот од тројцата кому летово ќе му истече договорот, а веќе е и повеќе од јасно дека „кралот“ својата иднина ја гледа надвор од Лос Анџелес. Како најреална опција се споменува враќање во Кливленд, но Џејмс ќе ги разгледа и останатите понуди, не криејќи ја желбата и следната година да биде дел од тим со шампионски амбиции.

Адетокумбо се уште е под договор со Милвоки, но честите изјави на грчкиот „ѕвер“ против управата јасно покажуваат дека тој својата иднина ја гледа во друг клуб. Челниците на бакси пак веќе се изморија во обидите да ги задоволат константните барања на Јанис, па отворени се за размена со која би добиле соодветна замена, но и би отвориле место во својот селари кап за ангжаман на нова суперѕвезда во блиска иднина.

Kаваи Ленард за разлика од Адетокумбо не „бунтува“ во ЛА Клиперс, но во овој случај пресудна ќе биде стратегијата на клубот. Имено, се повеќе информации говорат дека управата на ЛА Клиперс планира да жртвува една до две сезони за целосно да ја подмлади екипата, што ќе значи и заминување на Ленард како најплатен играч во тимот. И за Каваи како и за Јанис постои сериозен интерес од клубови со шампионски амбиции, а нема дилема дека трансферите на овие двајца, заедно со оној на Леброн Џејмс, би можеле целосно да ја променат сликата за фаворити за титулата за сезоната 2026/27.

Се вчитува...