Пелистер со голем камбек: Од „минус осум“ до триумф над Алкалоид

Е. Пелистер ја прекина серијата порази во дерби дуелите од домашното првенство откако вечерва славеше на гостувањето против Алкалоид со резултат 33-35. Триумфот е уште поголем ако се знае дека „пелистерци“ имаа шест гола негатива на полувреме, во вториот дел дури и минус осум (25-17), но со голем камбек во завршните дваесетина минути успеаја да го свртат резултатот во своја полза и да стигнат до победата.

Од самиот почеток беше јасно дека ќе се игра ефикасен ракомет, двете екипи беа максимално брзи во завршување на своите напади, а Галевски и Хеидарирад немоќно ја вадеа топката од мрежата. „Пелистерци“ подобро се снајдоа во првите десетина минути поведувајќи со 5-7, а шест минути подоцна гостите од Битола имаа и три гола предност (8-11). Токму тогаш почна шоуто на домашниот тим, Марко Митев, Џонов и Дамјан Митев донесоа израмнување од 11-11, но вистинскиот херој во овој дел од мечот беше Иван Галевски. Младиот голман блесна со неколку одбранети зицери, а успеа и да се запише меѓу стрелците, со гол од својата половина за 17-14. Полн со самодоверба тој одбрани уште два зицера, а неговите соиграчи беспрекорно казнуваа на спротивната страна, па Алкалоид во ова перфектно полувреме стигна до дури 22 постигнати гола, на одмор заминувајќи со 22-16 по двата погодоци што во последната минута ги постигна Николов.

Алкалоид продолжи со одлична игра и на стартот од второто полувреме, Галевски одбрани два пенала на битолчани, нападот функционираше беспрекорно и „сино-белите“ од Автокоманда набрзина поведоа и со осум гола предност (25-17). „Пелистерци“ се разбудија, заиграа далеку подобро во одбраната, им профункционира и нападот, па со голот на капитенот Кузмановски во 39. минута намалија на 26-22. Следеше нова грешка на Алкалоид, но Галевски со супер-одбрана го запре зицерот од крило на Радивојевиќ. „Зелено-белите“ не се предадоа, па по брзоплетоста во нападите на домашниот тим битолчани намалија на 28-25, со петтиот погодок на Дејан Манасков (43. минута). Следеше нова загубена топка, па лесен гол на Самоил Ристески за 28-26, по што Кире Лазаров со очигледно задоцнување побара тајмаут, откако му дозволи на противникот опасно да му се доближи на неговиот тим.

Пелистер стигна и до 28-27, имаше и напад за израмнување, Галевски го запре обидот на Филип Кузмановски, по што Марко Митев постигна прекрасен погодок на спротивната страна за 29-27.  Битолчани возвратија и со седмиот гол на Манасков стигнаа и до израмнување од 29-29. При 31-31 Митревски го запре обидот на Костески, по што Хакбарт по подолга пауза го врати Пелистер во водство (31-32, 53. минута). Хосни погоди за 32-33 на шест минути до крајот, по што Лазаров се реши за голманска измена, Кизиќ влезе на местото на Галевски. Сепак, Митревски беше влезен во одличен ритам, запре зицер на Костески за израмнување при 33-34, по што Атанасијевиќ го постигна клучниот гол, за триумф на Пелистер на крајот изразен со конечните 33-35.

Манасков ги предводеше стрелците на Пелистер со седум гола, шест постигна Кузмановски, а пет Хосни, додека најефикасни кај Алкалоид во овој драматичен натпревар беа Дамјан Митев со седум, Костески со шест и Марко Митев со пет погодоци.

Се вчитува...