Кошаркарите на ТФТ денеска со почеток во 18 часот го играат историскиот реванш со Сутјеска, дуел што може да го одведе тимот од скопско Тафталиџе во толку посакуваното финале од АБА2 лигата.
За потсетување, ТФТ во четвртфиналето го елиминираше тимот на Златибор, а серијата одлични игри ја продолжи и во Никшиќ, каде го зеде скалпот на составот на Сутјеска, кој важи за еден од главните кандидати за влез во АБА1 лигата.
„Тоа беше речиси перфектен натпревар, во кој го изненадивме противникот со наметнување на нашата игра. Знаевме дека ако биде меч на мал број поени немаме шанси, успеавме да го наметнеме нашето темпо и уште во првото полувреме постигнавме 59 поени. Конечните „плус пет“ не се реална слика бидејќи на две минути до крајот имавме 16 поени предност, промашивме шест слободни фрлања во завршницата, но најважно од се – покажавме дека знаеме како се победува Сутјеска. Сонот за влез во АБА 1 е жив, а една победа го дели ТФТ од големото финале, првата „меч топка“ ја имаме денеска во Скопје. Споре динформациите што ги имаме салата ќе биде полна, нас ретко ни се случува да играме домашни натпревари пред полна сала, но верувам дека таа поддршка ќе биде добредојдена за моите кошаркари и ќе им даде дополнителен ветер во грб“, истакнува тренерот Боро Смилковски.
Тој е свесен дека задачата ќе биде исклучително тешка, бидејќи гостинот од Црна Гора ќе стори буквално се за да се реваншира за неочекуваниот пораз и да се избори за мајсторка што би се играла во Никшиќ.
„Играме со многу сериозна екипа, кошаркарски одлично покриена на сите позиции, екипа што игра цврста одбрана со многу контакт. Наше е да се обидеме да го сториме истото од првиот дуел, да одиграме брз меч и со што повеќе поени од транзиција да си ја олесниме задачата во нападот. Секако, се почнува од одбраната, мораме да бидеме агресивни, да одговориме на нивната контакт игра, но и да се обидеме да не влеземе во проблеми со прекршоци. Контролата на скокот ќе биде исклучително важна, бидејќи ако доминираме под обрачите тоа ќе ни овозможи и побрзо да ги организираме нашите напади и да стигнеме до поените од транзиција што ги посакуваме. Севкупно гледано, знаеме дека ќе биде тешко, го почитуваме противникот, но веќе покажавме дека ТФТ може да игра со секого и да го победува секој ривал во АБА2. Сакаме тоа да го потврдиме и на овој дуел со Сутјеска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

